ArhUkim
АРХИТЕКТОНСКИ ФАКУЛТЕТ СКОПЈЕ
УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ

 

 

 

Најава Зачлени

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name *
Username *
Password *
Verify password *
Email *
Verify email *

iknow

menu

menuB

АРХИТЕКТОНСКО РЕПРОЕКТИРАЊЕ НА ОБЈЕКТИ, МЕСТА И ПРОСТОРИ

JovaniBatistaPiranessi

Гравура на Џовани Батиста Пиранези (Giovanni Battista Piranesi), Руините на надкриениот потрико во Вилата на Домицијан (Avanzi d’un portico coperto, o criptoportico in una Villa di Domiziano), 1765–78.

Архитектурата и градот бавно патуваат низ времето, постојано соочувајќи се со предизвиците на промените кои настанувааткако последица на најразлични транзиции - општествено-политички, социоекономски, просторни, материјални, естетски... Како показател на нестабилноста и променливоста што ги носи брзината на времето – синоним на современото секојдневие, многу објекти, места, простори..., сé позабрзано ја надживуваат (или уште полошо - никогаш не ја доживуваат) својата првобитно замислена намена, по што паѓаат во заборав, се запуштаат, напуштаат..., губејќи го на тој начин своето место и значење во градот.

Истовремено, денес станува сé поочигледно дека живееме во време во кое повеќе од кога и да е претходно луѓето имаат зголемен интерес (и верба) во времето што поминало, во историјата, сметајќи го минатото за важен составен дел на сегашноста. Гледано низ таа призма, токму бавноста на архитектурата придонесува одредени градби, места или простори на градот да бидат доживувани како сведоци на неговите различни животни циклуси, односно препознатливи обележја на неговата меморија. „Архитектурата“ на овие објекти, места, простори..., како одлика на одредени историски околности (времиња, контексти...), всушност е врската преку која (може да) се остварува поврзувањето со историјата на градот.

Спрегот помеѓу овие две противречни парадигми кои произлегуваат од бавноста на архитектурата го претставува концептуално средиште на истражувањето. Основно прашање на кое треба да се бара одговор е постои ли начин како може да ги обединиме овие две навидум спротивставени парадигми? Може ли да се пронајде некаква преодна (хибридна) состојба, некакви преодни облици во кои елементите на минатите форми можат да бидат истоверемено и заштитувани (конзервирани) и развивани (менувани)?Може ли да произлезат нови можности (концепти, стратегии, тактики...) за развој на архитектурата и градот, каде пред да се започне со барање на нови решенија, треба повторно да се погледне кон (не)искористените потенцијали на постојните? Наместо старото веднаш да го замениме со ново, може ли да се обидеме да го поправиме и унапредиме - да го репроектираме?!

 

Цел на истражувањето:

Основна цел на истражувањето е да се проучуваат можностите за архитектонско (програмско и обликовно) репроектирање на конкретни објекти, места или простори во градот, како би се поттикнала нивната функционална, просторна и естетска трансформација, без да им биде нарушен сопствениот идентитет и карактер?!

 

Локација:

Централно градско подрачје на Скопје претставува комплексна збирка од многу разновидни и необично вредни урбани целини, простори, места, архитектонски градби и типологии - последица на бурната општествено-политичка и просторна историја на градот во дваесеттиот век. Токму неможноста градот Скопје да го согледаме како една единствена просторна целина заснована на систем од кохерентни односи - каде архитектурата, градот и градскиот простор взаемно се претопуваат, претставува поттик за истражување на можностите за негово ново читање, толкување и преосмислување. Соочени со прашањето на урбаната фрагментираност на градот, истовремено и како проблем, но и како најголем потенцијал на неговата специфична урбаност, истражувањето е насочено кон архитектонско репроектирање на еден конкретен урбан фрагмент од централното градско подрачје. Преку критичко согледување на неговиот внатрешен карактер, како и на неговата (не)поврзаност со останатите фрагменти кои го сочинуваат скопскиот урбан архипелаг, студентите се упатени да истражуваат повеќе различни проектански стратегии во насока на подобрување на перформативните својства на избраната локација.

 

  • Локација 1:  потег Скопска тврдина Кале – Француски гробишта;

Предмет на интерес во зимскиот семестар во учебната 2014/15 година е урбаната територија која се протега помеѓу Скопската тврдина – Кале и споменичкиот локалитет Француски гробишта.Предметната локација, од една страна, нуди можност за продлабочено истражување на местото и взаемните врски помеѓу избраниот урбан фрагмент и градот; од друга страна, локација, покрај тоа што е историски многуслојна, изобилува со мноштво на актуелни „внатрешни“ противречности. Едно од многуте несовпаѓања во рамки на локалитетот е поврзан со иконичниот објект на Музејот на современа уметност, кој како симболичка програмска и архитектонска фигура на (солидарноста кон) градот е исполнет со префинета уметничка содржина, но истовремено таа фигура веќе половина век плови низ енформелот од запуштено градско зеленило и деградиран јавен простор. Во таа смисла, неодминлив предизвик на задачата е преиспитување и преосмислување (репроектирање) на непосредното окружје на Музејот на современа уметност, со нагласок на преиспитувањето на односот на музејот - како кон сопственото непосредното окружје, така и кон градот во целина.

 

  • Локација 2: по избор на студентот, во консултација со наставникот.