Архитектонскиот факултет е еден од 24 факултети во состав на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” од Скопје, најголемиот од државните Универзитети во Република Северна Македонија, До 2004 година Архитектонскиот факултет беше единствената високообразовна институција во Република Северна Македонија којашто подготвуваше кадри од областа на архитектурата и урбанизмот и нивните комплементарни дејности на ниво на додипломски, постдипломски и докторски студии, Во текот на своето 65 годишно постоење факултетот помина низ неколку значајни развојни фази. Првите студии по архитектура беа организирани во 1949 година во рамките на новооснованиот Технички факултет со два оддела: архитектонски и градежен. Подоцна, во 1955 година, во рамките на Техничкиот факултет, формиран е Архитектонско-градежниот факултет со два оддели – архитектонски и градежeн. Во 1976 година архитектонскиот оддел прерасна во самостоен Архитектонски факултет со единствена студиска програма по архитектура во траење од девет, односно десет семестри. Од учебната 2007/2008 година Архитектонскиот факултет работи според нова студиска програма на единствени петгодишни студии (студии од прв и втор циклус), студии по архитектура согласно Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС). По завршена трета година програмата овозможува излез преку интермедијарен испит со диплома која носи стручно звање Инженер архитект (Bachelor of Architecture). По завршениот десетти семестар и одбраната на магистерски труд, студиската програма овозможува излез со диплома која носи звање Магистер инженер архитект (Master of Architecture). Оваа диплома, согласно Законот за градење, води кон професијата архитект односно овозможува добивање на овластување од Комората на архитекти и други инженери во изградбата. До 2012 година на Архитектонскиот факултет во Скопје дипломирале 4305 студенти кои се стекнале со звањето дипломиран инженер архитект. Постдипломски студии според старата студиска програма завршиле 40 студенти кои се стекнале со научно звање Магистер по технички науки од областа на архитектурата и 30 студенти според студиската програма по ЕКТС кои се стекнале со звање Магистер инженер архитект. Низ менторски систем на студии на Факултетот докторирале 28 кандидати кои се стекнале со научно звање Доктор по технички науки од областа на архитектурата. Од 1992 година, Архитектонскиот факултет непрекинато ја организира меѓународната летна школа за архитектура на која досега учество зеле околу 600 домашни и околу 280 студенти, професори и асистенти од различни земји од Европа и светот. Во своето 65 годишно постоење Архитектонскиот факултет во Скопје изгради подеднакво високи стандарди за едукација, респектабилни традиции и референца на врвна високообразовна институција по архитектура. На студентите по архитектура им овозможува најквалитетно изучување на теориските и практичните знаења од областите на архитектонското проектирање, историјата и теоријата на архитектурата и уметностите, урбанизмот и урбанистичкото планирање и проектирање, архитектонските конструкции, современите технологии на градење и методите за управувањето со процесите на проектирање и градење и им овозможува на студентите да се стекнат со високи стручни и професионални компетенции согласно највисоките европски стандарди. Денес, со гордост можеме да констатираме дека, низ својот досегашен развој и делување, Архитектонскиот факултетот при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје израснал во високообразовна институција со реноме од национално значење. |