Во сабота, на 20.9.2025 година во општествената градина „Бостание“ се одржа микрофестивалот „Градини на заедништвото“, чија програма беше збогатена со архитектонска изложба насловена „Мала архитектура во природа“, во организација на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Изложбата претставува 40 проекти за мали архитектонски градби наменети за краткотраен престој во природа, сместени во јавниот парковски простор на кој му припаѓа и општествената градина „Бостание“. Проектите се развиени од страна на студентите од втора студиска година, во рамки на наставните активности по предметот Архитектонско студио 3 во учебната 2022/2023 година.
Основна претпоставка на задачата е дека паркот во населбата Ново Лисиче има потенцијал да биде „населен“ со мали архитектонски градби од времен карактер, во кои можат да се поврзат потребите на неговите посетители и пошироките интереси на населбата и градот. Секој поединечен предлог произлегува од особеностите на конкретно избрана локација, а вкупниот резултат е плуралност на проектански пристапи обединети во заедничка амбиција - да се открие како и најмалите архитектонски интервенции можат да го подигнат квалитетот на јавниот простор и да го збогатат колективното искуство на градското живеење.
Независно од степеност на успешност на поединечните проекти во решавањето на поставениот проблем, проектите ја истакнуваат способноста на студентите да замислуваат сценарија во кои архитектурата служи и за секојдневна употреба и како културен чин. Тие истовремено ја потврдуваат и релевантноста на Студиото во современото архитектонско образование како простор за креативно експериментирање каде архитектурата се разгледува во контекст на пошироките еколошки, културни и социјални дискурси.
Изложбата ја отвори деканката на Архитектонскиот факултет во Скопје – проф. д-р Анета Христова Поповска, а фестивалската програма привлече голем број на посетители, помеѓу кои и мноштво студенти и наставници од Факултетот.
ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност, летен семестар академска 2025-2026
ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност, зимски семестар академска 2025/2026
ЕРАЗМУС+ конкурс за мобилност на наставен кадар за академската 2024/2025
ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност, летен семестар академска 2024-2025
9th CONFERENCE OF INTERDISCIPLINARY RESEARCH ON REAL ESTATE SKOPJE, NORTH MACEDONIA, OCTOBER 10-11, 2024
Уживај во студентскиот живот и верувај во иднината