НОВИ ДИЈАЛОЗИ/ ПРОГРАМА: ПРАКТИСКОП
ИЗЛАГАЊЕ НА БЕСИАН МЕХМЕТИ / БМА
Во рамки на воннаставната платформа „Нови дијалози“, на 16.11.2017 година со почеток во 18 часот на Архитектонскиот факултет во Скопје се одржа првото предавање во склоп на програмата „Практископ“; свое излагање имаше архитект Бесиан Мехмети,основач и сопственик на архитектонско биро – БМА, поранешен студент и соработник во наставата на Архитектонскиот факултет во Скопје.
По воведното претставување на програмата „Практископ“ од страна на деканот на Архитектонскиот факултет во Скопје – проф. д-р Огнен Марина, за личноста, професионалниот профил, како и за искуството од заемната соработка со Бесиан Мехмети на присутните им се обрати проф. д-р Зорица Блажевска, професор во пензија на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Во своето излагање пред бројната публика составена од студенти, наставници и колеги архитекти, Мехмети најпрво го претстави својот сегашен креативен тим од БМА, биро основано во 2012 година, за потоа да направи краток осврт врз неколку архитектонски реализации на кои бирото работело во изминатиот период. Во продолжение, тежиштето на излагањето на Мехмети беше насочено кон претставување на многубројните конкурсни проекти на кои тој учествувал во последните 10 години, притоа остварувајќи соработка со повеќе колеги од практиката и од Архитектонскиот факултет. Мехмети се претстави со повеќе од 20 конкурсни проекти работени на различни задачи и на различни локации низ Македонија, за кои накратко ги образложи и концептите кои биле применети при решавањето на поставените проблеми. Клучна поука на излагањето на Мехмети која тој се обиде да ја пренесе на публиката беше неговиот оптимизам и верба која тој (и покрај делумно лошите искуства од последните неколку години) и понатаму ја има во форматот на конкурсот, како познат и потврден начин за прибирање на различни идеи и одговори на поставените архитектонски или урбанистички проблеми.
По завршувањето на предавањето на Мехмети следуваше дискусија во која земаа учество повеќе студенти и наставници од Архитектонскиот факултет во Скопје. Исто така, предавањето на Мехмети всушност претставуваше извонреден вовед во програмата на втората Вонредна сесија, планирана да се одржи во истиот простор (Сквер) на 21.11.2017 година во 18 часот, на која повеќе генерации архитекти ќе разговараат токму за темата/форматот на архитектонските конкурси.
ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност,летен семестар академска 2024-2025
ЕРАЗМУС+ конкурс за мобилност на наставен кадар за академската 2024/2025
ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност, летен семестар академска 2024-2025
9th CONFERENCE OF INTERDISCIPLINARY RESEARCH ON REAL ESTATE SKOPJE, NORTH MACEDONIA, OCTOBER 10-11, 2024
Уживај во студентскиот живот и верувај во иднината