На 11.11.2025 година, во 19 часот по грчко време, пред бројна публика во Галеријата на Школата за архитектура при Аристотеловиот универзитет во Солун, беше отворена архитектонската изложба „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (The Future as a Project: Doxiadis in Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година.
Повеќе од шест децении од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, изложбата „Иднината како проект - Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер - Константинос А. Доксијадис.

Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, размислувањата..., сето тоа придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје. Станувајќи стратешка алатка за трансформација на Скопје во идна метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи кон крајот на 60-тите и 70-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи.

Седум години од првото претставување во музејот Бенаки во Атина преку голема изложба, конференција и публикација, и две години по одржувањето изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје, истражувањето „Иднината како проект - Доксијадис во Скопје“ беше претставено во Солун.

Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Владимир Десков од Школата за архитектура и дизајн на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос и Кристос Георгиос Критикос од Националниот технички универзитет од Атина, Грција.

Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 декември, 2025 година.





ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност, летен семестар академска 2025-2026

ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност, зимски семестар академска 2025/2026
ЕРАЗМУС+ конкурс за мобилност на наставен кадар за академската 2024/2025
ERASMUS+ конкурс за индивидуална студентска мобилност, летен семестар академска 2024-2025
9th CONFERENCE OF INTERDISCIPLINARY RESEARCH ON REAL ESTATE SKOPJE, NORTH MACEDONIA, OCTOBER 10-11, 2024
Уживај во студентскиот живот и верувај во иднината

