Со особено задоволство споделуваме дека проф. д-р Александар Петровски од Архитектонскиот факултет - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е изработувач, носител и раководител на меѓународниот научен проект во рамки на европската Хоризонт програма, COST-акцијата CA25114 – CircaFan: „Towards Circular Future: Innovation of Circular Facades“.
Успешно одобрени само 7,3% од апликантите – значаен европски научен успех!

2026 Megjunaroden naucen proektПроектот CircaFan е избрана за финансирање во рамките на повикoт на кој биле одобрени само 80 од предложените 1090 проекти. Овој резултат ја истакнува конкурентноста на европската програма, но и релевантноста на одобрениот проект CircaFan.
На 5 октомври 2026 година, во Брисел, се одржа првиот состанок на проектот со кој заседаваше проф. д-р Александар Петровски и учествуваа професори и истражувачи од повеќе од 30 европски земји.
Проф. д-р Александар Петровски за значењето на иницијативата:
„Верувам дека иднината на архитектурата не е само во тоа како градиме, туку и во тоа колку одговорно ги користиме ресурсите и што оставаме зад себе. Со CircaFan сакаме да ги поврземе знаењето, иновациите и креативноста, а научните идеи да ги претвориме во конкретни придонеси за циркуларната иднина на архитектурата и градежништвото.“
Што претставува CircaFan?
Целта на CircaFan е да ја имплементира циркуларноста во градежништвото преку иновации во проектирањето, изградбата и управувањето со фасадите, како и унапредување на квалитетот на објектите, односно на изградената и животната средина. Проектот ќе се реализира во периодот 2026–2030 година, во кој се вклучени меѓународни истражувачи, универзитети и партнери од градежната индустрија.
„Како носител и раководител, мојата цел е да изградам меѓународен проект кој што ќе предизвика позитивни промени, ќе иновира во градежништвото и фасадите преку примена на циркуларната економија и ќе придонесе за поодржлива изградена средина. Особено ми е важно оваа иницијатива да отвори нови можности за македонските истражувачи и младите академски кадри и да ја зајакне нашата вклученост во европската научна соработка.“

2026 Megjunaroden naucen proekt sl.2

Овој успех е признание за научниот потенцијал на Архитектонскиот факултет и можност за поголема меѓународна афирмација на македонската архитектонска и академска заедница.
На проф. д-р Александар Петровски и на целиот меѓународен тим на CircaFan им посакуваме успешна работа и значајни резултати во унапредувањето на циркуларната и одржливата архитектура!
Повеќе информации: https://www.cost.eu/actions/CA25114/