Во рамките на проектот ACT4PRESPA, поддржан од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“, во организација на НУ Завод и музеј – Битола, во Претор се одржа тридневната меѓународна студентска конференција „Културното и природното наследство во Преспанскиот Регион како средство за комуникација меѓу вековите – современи перспективи“.
Конференцијата обедини студенти и претставници на академски институции од Македонија, Грција и Албанија, со цел размена на истражувачки сознанија и современи пристапи кон заштитата, интерпретацијата и одржливото користење на културното и природното наследство.
Архитектонскиот факултет – Скопје се претстави со шест студенти: Надја Ичев, Теодора Зафировска, Дина Јовевска, Марта Заркадова, Петар Костадиноски и Филип Зафировски, под менторство на проф. д-р Елизабета Касапова.
Студентите ги презентираа резултатите од четиридневната истражувачка работилница одржана во април 2026 година, во чии рамки беше документирано архитектонското наследство во Ресен и Преспанскиот Регион, вклучувајќи ги Сливничкиот манастир и селото Љубојно.
Во рамките на конференцијата беше реализирана и теренска посета на Љубојно, како заштитена споменичка целина, со што се овозможи непосредно поврзување на академските истражувања со локалниот контекст и предизвиците за зачувување на архитектонското наследство.













